«

»

Jun 28

Во Рапеш и Маково се снима македонскиот игран филм “До Балчак”

„ До балчак“ – Приказната од Дивиот исток е насловот на долгометражниот македонски игран филм во режија на Столе Попов и по сценарио на Горан Стефановски, чие снимање деновиве се одвива во селата Рапеш и Маково, Општина Новаци.Продукцијата на филмот е на Трингл Филм, во копродукција на Сектор Филм, ФХ 3Х и Македонската телевизија.

Дејствието се случува во првата декада од 20 век, а филмот ја раскажува суровата но романтична љубовна приказна во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на строга индивидуалност,илузијата и релативноста на слободата, правдата, љубовта, среќата, жртвувањата и предавствата доживеани низ катарзични емоции што допираат „до балчак“.  лишена од било каква идеологизација.Ова е филм за дијалектичката средба на митското со антимитското, филм во кој се среќаваат легендите и раскажувањата со реалната стварност на суровиот живот низ македонската историја .

Главната женска улога во Приказната од Дивиот исток и е доверена на словенката Инти Шрај додека главната машка ролја ја толкува Сашко Коцев.И легендите Мики Манојловиќ и Никола Којо ќе се појават во новиот филм на Столе Попов.Како специјален гостин во приказната од дивиот запад ќе се појави великанот Бата Живоиновиќ.Од нашите актери во филмот ќе играат Мартин Јордановски, Сенко Велинов, Тони Михајловски, Драган Спасов Дац, Ана Костовска, Благој Веселинов, Гораст Цветковски, Славиша Кајевски.

Снимањето на филмот ќе трае 10 недели на територија на Битола, Скопје, Демир Хисар, Охрид, Штип и Прилеп.Проектот е подржан и финансиран од Владата на РМ и Филмскиот фонд на Македонија во програмата за проекти од национален интерес. Снимањето на филмот го потпомогнаа и Министерствата при Владата, МПЦ-Преспанско-пелагониската и Дебарско-кичевската епархија, Македонски железници и локалните градски самоуправи.

Општина Новаци не е прв пат своите прекрасни предели во мариовскиот крај да ги отстапи за снимање на филм.На мостот во селото Зовиќ – мариовско,најпознатиот македонски режисер Милчо Манчевски снимаше сцени од филмот „Прашина“. Пред две години  во Мариово се снимаше и краткометражниот игран филм посветен на славната француска актерка Сара Бернар , која во 1917 година ги посетила француските војници на фронтот околу Кајмакчалан.

   

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php