«

»

Jun 15

Градоначалникот на Рокдејл, Бил Саравиновски прогласен за почесен граѓанин на општина Новаци

Градоначалникот на градот Рокдејл, Благоја Бил Саравиновски, родум од пелагониското село Лажец, кој е првиот австралиски градоначалник македонец, со одлука на Општина Новаци е прогласен за почесен граѓанин а високото признание му го врачи неговиот домаќин, градоначалникот Лазар Котевски.

„Одлуката ја донесовме  поради придонесот на Саравиновски за зајакнување на врските со нашите иселеници и промоција на нашата општина меѓу бизнисмените во Австралија “, истакна градоначалникот Котевски.

На средбата со новинарите во Новаци, Саравиновски истакна дека општина Рекдејл ја предводи во шест континуирани мандати, односно од 1983 година. Пред повеќе од една година кога градоначалникот на Новаци беше во посета на Рокдејл, беше прогласен за почесен граѓанин на оваа австралиска општина.

„ Во општината им помагам на сите. Имаме македонски клубови, цркви во кои се собираме, разговараме и планираме посебно со биснисмените кои сакаат да инвестираат во Македонија. Во Советот на општина Рокдејл членуваат Австралијци, Либанци и Грци, но сите одлично соработуваме и се почитуваме. Очекувам наскоро со група бизнисмени да ја конкретизираме соработката во Македонија “, посочи Саравиновски.

Градоначалникот Котевски го направи првиот чекор кон збратимување на овие две општини. Рокдејл е општина во која има многу македонци. Саравиновски вели дека голем број австралиски стопанственици со македонско потекло сакаат да инвестираат и да ги прошират своите бизниси во Новаци.

„ Дел од нив се враќаат во Македонија за да инвестираат или покажуваат намера за инвестирање во лесна незагадувачка индустрија, мини млекари и други проекти. Ние сме отворена општина, отворени сме за инвестирање „ – посочи градоначалникот Котевски.

Рокдејл има 100 000 жители од кои 10 000 се Македонци, а 42 % од популацијата е родена во други држави. Во оваа општина градоначалникот го избира Совет кој е составен од 15 члена.

„Има двајца Грци, двајца Либанци а другите се Австралијци. Во моето место најмногу има Грци, немаме проблем со Грците. Јас му велам дека јас  сум Македонец, дали ќе не признаете како Македонија  без разлика, јас не можам да се сменам, “ изјави Саравиновски.

Од Општината Рокдејл постојано се залагаат и ангажираат да им се помогне на Македонците кои живеат таму, вели Злате Ангеловски претставник од Општина Рокдејл.

„Нашата желба е Македонците да се ангажираат во општината , да се вклучат во сите служби. Ги има од сите краеви, најмногу од битолскиот“- вели Злате Ангеловски претставник од Општина Рокдејл.

Градоначалникот на Рокдејл е роден во селото Лажец, а во Македонија е дојден со своето семејство.

„ Имав голема желба да ги донесам децата за да видат каде сум роден. Сакам да одам кај што бев роден и во Битола и затоа ќе земам камења во Австралија, да имам нешто од мојата држава “ – вели Саравиновски.

Саравиновски пограј градоначалничката функција е и заменик претседател на кинеската заедница, често патува во Кина каде вели дека секогаш ја промовира Македонија. За време на престојот во Македонија, градоначалникот на Општина Рокдејл, Бил Саравиновски оствари и други контакти и средби во државата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php