«

»

Jun 04

Ќе се реконструираат мостот кај с.Зовиќ и куќата на Калеш Анѓа

Благодарение на најновиот прекуграничен проект на Општина Новаци, Мариово ќе прерасне во вистинска туристичка дестинација.

Општина Новаци во соработка со грчката општина Алмопиа поднесе заедничка апликација за грантот од  „ИПА – Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Македонија 2007-2013″ со предлог проект „Жива историја – жива природа“. Со добиените средства се планира реконструкција на Куќата на Калеш Анѓа во с.Старавина и мостот кај с.Зовиќ. Идејата е развој на руралниот туризам и афирмација на убавината на Мариово.

Легендарниот мост е изграден во кањонот на река Градешка, а поради својата убавина, уникатност и прекрасна природа беше употребен и за снимањето на филмовите на Милчо Манчевски.

Градоначалникот на Општина Новаци, Лазар Котевски најавува реконструкција на разрушените делови од мостот и зацврстување на темелната конструкција, доколку се добијат средствата од ИПА грантот.

„Реконструкцијата на мостот ќе чини околу 2 милиони денари. Очекуваме да го добиеме овој проект и за неколку месеци да започнеме со санација. Мостот е уникатен и привлекува туристи од цела Македонија, а често тука доаѓаат и странци. До мостот се наоѓа и една стара воденица која исто така ќе биде целосно реконструирана а планираме да прерасне во вистинска атракција“ – вели градоначалникот Котевски.

Со средствата од проектот се планира и целосна реконструкција и преуредување во музеј на Куќата на Калеш Анѓа која се наоѓа во с.Старавина.

„Куќата ќе биде целосно реконструирана  според типичната единствена мариовска архитектура. Предвидено е да се обноват амбарот и старата фурна која се наоѓа во дворот. Внатрешноста на куќата пак ќе биде направена во стар етно стил и ќе слуѓи како музејски простор. Нејзината обнова ќе чини 3 милиони денари. Решен е проблемот со сопственоста, иако првично се мислеше дека сосптвеникот се наоѓа во Австралија се востанови дека тој сепак е од Битола. По неколкуте средби со него и луѓето од Општината, сопственикот се согласи без пари да ја отстапи старата куќа.“ – рече градоначалникот Котевски.

Со проектот е предвидено да се уредат и неколку природни и историски патеки низ Мариово, со што би се означиле природните реткости и историските знаменитости во општината. Предвидено е и ангажирање на туристички водич, со цел развој на селскиот туризам и искористување на огромните потенцијали на Мариовскиот предел. Од општината се надеваат дека по реализацијата на овој проект ќе се зголеми интересот на инвеститорите за градење на хотелски капацитети во овој дел од Македонија.

Инаку Општина Новаци  има донесено одлука за бесплатно отстапување под концесија на сите објекти кои се во нејзина сопственост на заинтересираните инвеститори кои ќе сакаат да ги преадаптираат во сместувачки капацитети.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php