Знаменитости

Општината изобилува со голем број на природни убавини, споменици на културата, цркви и манастири и други знаменитости.

 Природни убавини

            Планината Ниџе со највисокиот врв Кајмакчалан (2520 м.н.в) е голем планински масив кој зафаќа дел од општина Новаци.  На оваа планина, за време на Втората светска војна се наоѓал Солунскиот фронт. Според едно предание, името Кајмакчалан е добиено од антропонимот на комитата Кајмак (најдобриот) кој ископал дупка на врвот во која скрил злато за купување оружје за борба против поробителот.  Кога го закопале златото, војводата го убил Кајмак и рекол дека вака ќе биде верен чувар на закопаното богатство.

с.ГРАДЕШНИЦА

             Легендата кажува дека ова село се создало со доселување на граѓаните од тврдината ПЕШТА која се наоѓа на 1100 н.в. на еден рид, во непосредна близина на селото, каде има остатоци од градби од римско време.

             Храм Св.ап.Никола (Св.Николај чудотворец) посветен на светецот Никола, познат меѓу народот како исцелител од болести по измивањ од светата вода. Во составот на црквата се тремот кој е од јужната страна, а од западната страна е камбанаријата во тркалезна форма. Граден е од камен, покриен со керамиди, молерисан и украсен со бел малтер. Во црквата се чуваат две вредни книги со црковна содржина: Часлав, пишувана на грчки јазик, а другата е Различно поучение, пишувана на стсл. Јазик со потекло од 1894 година.

            Црква Св.вмч.Димитриј (XIVв.). Се смета дека храмот потекнува од времето на цар Душан, изграден на влезот во с.Градешница. мала по димензии, која се споменува и како св.Никола, а кај народот е позната како црква посветена на св.вмч.Димитриј. Храмот граден од камен, еднокорабен, засводен со полукружен свод, декориран со фрески и икони на светци претставени во двопојасни фигури. Се смета дека е единствен олтар изграден од камен.

             Храм св.Антониј и св.Атанасиј Велики, помала црквичка, изградена во близина на селото, посветена на св.Антониј Велики.

             Црква Свети Спас параклис, изграден во близина на селото. Се празнува Спасовден (40 дена по Велигден).

             Храм Св.бесребреница Козма и Дамјан (св.Врачи) – мала црквичка (параклис), не е активна. Не е зографисана. Градевци се големи христијани, гостољубиви и весели.

 Манастир Св.прор.Илија во Брен (1826) – во непосредна близина на с, Градешница. Манастирот е од цврста градба, ѕидан од камен, фасадиран со вар и песок, храмот на манастирот е еднокорабен и зографисан. Во Првата Светска Војна оштетен, а во 1926 година обновен. Во манастирот е Брешката чешма, позната по бистра и лековите вода.

 с.ГРУМАЗИ

            Храм Вознесение Христово (св.Спас). Црквата е градена некаде во 1864 година, од камен, засводена со полукружен свод, еднокорабна, со влез од јужната страна близу до олтарот, декорирана со фрески и икони меѓу кои со големина доминира иконата на Исус Христос. Била разрушена во Првата Светска Војна, обновена во 1927 година, доградена во 1980 година. Во 2006 госина храмот е целосно обновен.

 с.ГРУНИШТА

            Храм св.вмч.Димитриј, еднкорабен, изграден некаде кон 1860 година, разрушен во Првата Светска Војна, обновен во 1926 година, зографисан, со габарит од ширина 6 метри, а должина 12 метри, сместен во црковниот двор пред гробиштата. И храмот и камбанаријата се покриени со камени плочки, а зидовите од надворешната страна малтарисани со бел малтер околу камењата.

             Манастир Св.преподобна Параскева (Св.Петка) – изграден во 1926 година на стотина метра над Груниште. Во внатрешноста на Манастирчето има извор на лековита вода.

 с.БАЧ

            Храм Рожденство прСв. Богородица изграден во 19 век, повторно обновен од егзархистите и осветен на 21.09.1912 година на селска слава. За време на Првата Светска Војна храмот бил разрушен, а обновен во 1921 година. Женската црква е во форма на балкон. Црквата е еднокорабна, без фрески, а со икони на апостоли и светци. Апсидата е полукружна со мал простор што гледа кон селото. Во главниот дел на храмот висат кандилници од метал и полилеи со постар датум од пред возобновувањето.

с.БРОД

            Храм Св.вмч.Николај Чудотворец изграден во 1840 година а разрушен во Првата Светска Војна. Обновен во 1996 година. Црквата е нова, но има икони и од 19 век, поставени на иконостасот. Црквата по форма е еднокорабна, со габарит од 12 x 7 метри и висина од 5-6 метри. На северниот ѕид има еден ред столици за седење, а на јужниот два реда.

 с.ГЕРМИЈАН

            Храм Св.вмч.Георгиј Победоносец изграден во 1860 година, ѕидан од камен, засводен со полукружен свод, еднокорабен, со влез на јужната страна, декориран со фрески и икони. Во Првата Светска Војна целосно разрушен, а во 1925 година изграден и зографисан. Кон 1990 година повторно обновен.

с.ГОРНО АГЛАРЦИ и с.ДОЛНО АГЛАРЦИ

            Храм Св.ап.Петар и Павле (Собор на 12 апостоли) започнат со градење во 1980 година на темелите на некогашната црква која била срушена во Првата Светска Војна. Фасадисан со црвена украсна тула, двокорабен со влез на јужната страна, декорирана со фрески и икони. Покрај црквата изградени се два трема – едниот за жителите на Горно Агларци, а другиот за Долно Агларци. Храмот е своина на двете села и поделен е просторот меѓу селаните. Едното село го слави Петровден на 12 јули, а другото Павловден на 13 јули.

с.ДАЛБЕГОВЦИ

            Црква св.вознесение Христово, градена во последниве години. Во 2005 година е изграден храмот во непосредна близина на селото, во црковно место, со фасадна црвена тула. Храм од современ тип, со три кубиња и засводен со полукружен свод, двокорабен со влез на јужната страна, декориран со фрески и икони. Селски празник им е Велигден.

с.ДОБРОМИРИ

            Храм Св.вмч.Николај Мириклијски, подигнат во 1886 година во црковно место, во комплекс на гробиштата, со трем и камбанарија. Храмот бил оштетен во Првата Светска Војна, повторно подигнат во 1926 година, а дообновен во 1941 година. Најпосле, во 2001 година е икинографисан, ѕидовите обелени и инсталирана електрична струја, граден од камен, еднокорабен со влез на јужната страна, декориран со фрески и икони.

с.ЖИВОЈНО

            Храм Св. Вознесение Христово (Св.Спас) подигнат во спомен на Христовото вознесение на небото – слава на Исус Христос. Времето кога се празнува Спасовден се совпаѓа со времето кога во предхристијанството т.е. кога паганите го празнувале празникот на божеството Спас кое меѓу многуте божества ја имало улогата на заштитник и спасител на луѓето. Храмот е граден во 1885 година, зографиран и обогатен со икони и книги. Ѕидан е од камен, засводен со полукружен свод, еднокорабна со влез на јужната страна. Селаните, веднаш по Втората Светска Војна го обновиле, а во 1990 година повторно го реновирале.

             Манастир Св.прор.Илија кој се наоѓа над селото. Се состои од храм посветен на пророкот Илија. Според кажувањата на генерал Панде Петровски, а според археолошките наоди изграден е на свето место, на местото на остатоци од некогашен храм.

с.ЗОВИЌ

            Храм Св. Николај Чудотворец, изграден во 1868 година од камен, засводен со полукружен свод, еднокорабна градба, декориран со фрески и икони. Во 1920/21 година кога народот се вратил од интернација (за време на Првата Светска Војна бил раселен по други села), ја изградил црквата. Во 1958 година храмот е малтерисан, кровот и трпезаријата поправени.

 с.МАКОВО

            Храм Собор на Св. Архангел Михаил, изграден 1860 година, срушен до темел за Првата Светска Војна, а во 1926 година подигнат со името Св. Воскресение. Маковци го слават Велигден. Селото, повторно ја реновирало црквата некаде во 1997 година со донација на здружението “Маково” од Мелбурн – Австралија. Храмот е граден од камен.

            Манастир Св.преп.Петка – Мала градба, подигнат и осветен во 2002 година. Надворешните ѕидови се малтерисани, додека внатре има икони на светци и Исус Христос, дар од жителите кои се наоѓаат во странство. На Петковден (27.10) се прави голем црковен собор.

с.НОВАЦИ

            Храм Св.вмч.Атанасиј Велики (Александриски) посветен на Св.Атанасиј. Храмот бил изграден 1868 година од камен, засводен со полукружен свод, трикорабен, декориран со фрески и икони, сместен во средината на селото, во црковен двор, заграден со ограда. Лево од влезот е попската куќа која служела за сместување на савештениците. Западно од црквата, во истиот црковен поплочен дел има трпезарија со простории: канцеларија, трпезарија а раздавање. Црквата има и телефонска врска. На западната страна е камбанаријата – четвртаста кула, висока над 10 метри со камбана набавена во 1926 година. Во 1998 година е повторно реновиран.

             Манастир Рожденство на прСв. Богородица, изграден е на 1 км во близина на с.Новаци, десно од брегот на Црна Река. Во 2006 година беше изграден само храмот на манастирот кој претставува монументална христијанска градба со 8 кубиња покриени со бакарни плочи, измалтарен со бел малтер. Манастирот е трокорабен, со апсида на која се зографирани Св.Ѓорѓи Богослов, Св.Николај Миронски, Св.Василиј Велики, Св.Јован Златоуст, Св.Алексеј Велики и Св.Иларион Александриски во природна големина. Над нив е фреска со големина од скоро четири на два метра висина од ликот на Пресвета Богородица. На највисокото кубе, кое е зографисано е претставен ликот на спасителот Исус Христос. Манастирот од неодамна е и осветен.

 с.РАПЕШ

            Храм Св.преп.Параскева и Св.вмч.Димитриј. За двата светци е подигнат еден храм. Најпрво изграден некаде кон 1860 година, со влез на јужната страна и западната страна, декориран со фрески и икони. Во 1918 година гранатиран и разурнат. По војната, во 1919 година беганите рапешани се вратиле на своите огништа. Во 2006 година храмот е поправен.

с.РИБАРЦИ

            Храм Св.вмч.Георгиј Победоносец, се наоѓа на највисокото место во селото на црковното тумбе, заградено со железна ограда. Околу црквата има гробови, а на југ е изградена трпезарија. Црквата била првпат изградена 1862 година, срушена до темел 1918 година, а потоа подигната во 1936 година. Повторно обновена во 1971 година. Над вратата го пишува датумот на изградба – 1862 година.

 с.СТАРАВИНА

            Храм Успение на прСв. Богородица изграден во 1860 година, а живописана во 1887 година. Сигнатурите на фрските се испишани на грчки јазик, а по обновата на стсл. јазик. Црквата е живописана. Во првата зона се претставени светци до половина. Во 1918 година и селото и храмовите биле до темел разрушени.

             Храм Св. Николај Чудотворец – храмот е во непосредна близина на селото, на најгорниот дел, изграден но не е зографисан.

             Манастир Св. Атанасиј, граден кон 1860 година на Старавинско Тумбе

 Спомен-биста во с. Новаци, во чест на борецот Славко Лумбарковски (во дворот на училиштето)

 

Филмски мост во Мариово

            Режисерот Милчо Манчевски токму на него сними дел од својот филм “Прашина. Така, на извесен начин мостот на Градешка Река, до селото Зовиќ во битолско Мариово стана “филмски мост и започна да привлекува домашни и странски посетители и туристи. Доаѓаат во селото, се интересираат каде е тој, се снимаат на него и се распрашуваат кој, кога и како го градел. Ниту постарите, ниту хроничарите точно не знаат кога е изграден овој мошне атрактивен мост до селото Зовиќ, кое се наоѓа штом се премине Црна Река, во нејзиниот битолски дел и за Мариово се оди по патот до селата Старавина и Градешница. Од левата страна на еден рид до атрактивни кањони токму тука е распослано ова село – Зовиќ. Некогаш селото Зовиќ било регистрирано и како Б’зовиќ, добивајќи го името по бозјето што се наоѓале во и околу него. Но отсекогаш имало меѓу 30-40 куќи во кои живееле луѓе што се занимавале со одгледување на овес, ‘рж, јачмен, просо, леќа, афион и некоја стока. Преку мостот се минува за прилепскиот дел за Мариово, кон селата Бешиште и Полчиште. Тој бил изграден уште во турско време, бил дрвен, се додека во 1955-1956 година за време на колективите, одговорните не го натераа еден селанец со претоварена воловска кола со снопови, да поминува преку него. Тогаш мостот се преполовил, воловите и тој паднале во реката, а само се спасила неговата ќеркичка која токму пред мостот слегла од колата да наполни вода од реката. Воловите заради повредите беа заклани, а селанецот кој живееше до пред неколку години, од паѓањето задоби незначителни повреди во рбетот. Тогаш селаните одлучија да се изгради друг мост, викнаа мајстори и сега тој успешно ја извршува својата функција – вели Јован Стојковски, кој одамна го напуштил Зовиќ и живее во Битола.

И многу други жители го напуштиле селото, така што денес во него има само 20-тина. Се случува за време на викендите во Зовиќ да има повеќе гости, некогашни жители и туристи, отколку мештани. Средината со високи и стрмни кањони, бистрата и чиста вода, терените за лов и лековити билки и треви, изѕиданиот во форма на лак мост, воденицата под него побудуваат интерес кај многумина посетители.

На самиот “влезe кон мостот, на една висока стена насликан е светецот Свети Ѓорѓи, кој е еден вид остаток од црквичето што било изградено таму. Истото деновиве беше реновирано од страната на Заводот – музеј од Битола. Светецот е возобновен, просторот пред стената обликуван, поставена е масичка и клупа, до кои допира бучењето на водата, која извира од Кајмакчалан и минувајќи низ Мариово се влива во Сатока, а потоа во Црна Река, како да ги раскажува незаборавните настани, што покрај неа се случувале за време на Првата светска војна. Остатоци од борбите има на сите страни. Расфрлени железа, шлемови, експлодирани и неексплодирани гранати, гробови на знајни и незнајни војници. Многу години повеќе роднини на загинатите ги бараа своите низ тие терени, не можејќи да ги сфатат апсурдите на војните, кои се воделе толку далеку од нивните родни места. Ги пребарувале спомените кои се уште се така видливи од тоа минато. Меѓу нив на извесен начин е и “филмскиот мостe како што сега истиот се нарекува. Се чувствува потреба тој да се заштити, реновира, за да може на извесен начин и натаму да биде верен споменик за едно минато кое не се заборава. Преку него минувал аскер, војводи, војски, воени единици, вредни жители, кои судбината ја врзувале со него и никогаш не го заборавиле, ниту кога бил дрвен, ниту пак сега, кога со филмскиот ангажман стана популарен и поатрактивен. А околу него во Зовиќ, Груниште, Старавина, Полчиште,

Бешиште и другите села има и низа други знаменитости и убавини, што привлекуваат постојано внимание. Сепак, мостот на неколку места е оштетен и малкуте жители од Зовиќ и околните села се плашат да не се случи истото – некој, како пред многу години, повторно да падне од него. А интересот за него би бил уште поголем, кога тој би се заштитил и афирмирал како дел од природната средина и убавина на овој дел од Мариово.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

css.php